Лишен од слобода кумановец, бил затекнат додека палел сува трева

Полицијата уапси кумановец кој бил затекнат како пали сува трева на улицата „Доне Божинов“, соопшти денеска МВР.
-Вчера во 21.20 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ш.А. (56) од Куманово, затоа што на улицата „Доне Божинов“ во Куманово бил затекнат како пали сува трева. Пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово, а Ш.А. е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава, соопшти полицијата.
Проблемот со опожарување на површини беше тема на Кризниот штаб кој одржа средба и донесе повеќе заклучоци меѓу нив и интензивна соработка на општинските и државните институции за да се спречат пожарите во урбаните заедници во Куманово, формирање мешани тимови кои ќе патролираат на најкритичните места каде што речиси секојдневно има пожари. интензивно чистење на „дивите“ депонии на овој потег, поставување на големи садови за смет …
Градоначалникот, Максим Димитриевски на последната прес-конференција повика граѓаните да споделуваат видео-материјал и фотографии од прекршителите и да ги испраќаат до општината.
Според податоците на противпожарната единица Куманово дури една третина од пожарите во јуни биле на потег од „Доне Божинов“ – Спомен Костурница сè до влез на населба „Перо Чичо“.