Лицата со посебни потреби во Тетово се жалат на недостиг на инфраструктура

Градот Тетово воопшто не е соодветен за лица со посебни потреби, а особено за оние кои се движат со инвалидски колички. Главните поплаки на оваа категорија граѓани се улиците и пристапот до институциите, вклучително и тетовската болница.
„Каде и да одам со инвалидска количка имам проблем да влезам, особено во болница. Не можам ни до продавница да одам да купам работи за дома, сите го имаме овој проблем. И на улица сите тротоари се преполни. Еден ден излегов во Тетово, не знаев каде да излезам, ми требаше некој да ми помогне да се движам“, вели Хабибе Даути.
„Со жалење можам да кажам дека луѓето во инвалидски колички не можат да се движат низ нашиот град. Принудени сме да пешачиме таму каде што се движат автомобилите, односно во опасност. До катастар не можеме да стигнеме. Треба да најдеме некој од семејството да дојде со нас, па да направиме овластување кај нотар за завршување на некоја работа“, рече Мамут Изаири- активист за правата на лицата со посебни потреби.
И покрај ветувањата за прилагодување на улиците, првиот човек на општина Тетово, Биљал Касами, вели дека интервенции не се правеле поради високата цена на проектот.
„Она што беше во нашите проекции беше да создадеме простор овие здруженија да се сместат. Општината има простории во трговскиот центар Саранда кои се узурпирани и во судска постапка сме да ги ослободиме и да им ги дадеме канцелариите на овие лица. Имавме и проект за донација со швајцарската амбасада за да направиме одредени јавни институции достапни за лицата со посебни потреби, но природата на проектот се покажа дека бара инвестиции во објекти и на крајот се промени од овој проект во изградба на дневен центар. Не застануваме тука, ќе продолжиме да наоѓаме надворешни донатори и доколку не најдеме, тогаш со општинскиот буџет ќе се обидеме да создадеме можности за лицата со посебни потреби“, рече Касами.
Најголем проблем за овие лица е тетовски катастар, кој се наоѓа во зграда на вториот кат, каде единствен пристап се скалите.
Башким Сулејмани