ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Лога повикува на консензус за Изборниот законик

Новиот министер за правда Кренар Лога реши да го актуелизира прашањето за нов Изборен законик. На конференцијата посветена на реформите на изборната регулатива во организација на американскиот Национален демократски институт, Лога повика сите политички партии со консензус да усвојат нови изборни правила. Тој побара ВМРО-ДПМНЕ да предложи член во работната група во рамки на Министерството, а од партијата на Мицкоски пак за Алсат велат дека таква покана немаат.

Advertisements

„Упатувам апел до ВМРО ДПМНЕ како најголема опозициска партија да даде свој придонес и да номинира свој член во работната група. Согласен сум, претседателот на работната група да биде нивен предлог“, рече министерот Лога.

„До сега нема покана за учество во работни групи за Изборниот законик. Пред да се одлучи било што, добро е да се чуе кој е ставот на владината коалиција ДУИ-СДС и останатите од власта за една изборна единица“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од СДСМ истакнаа дека може да се разговара за една изборна единица, што беше барање на помалите партии во нивната коалиција, но зелено светло за ваквата идеја немаше од ДУИ и од Алијанса за Албанците. Желбата на интегративците е да останат шесте изборни единици, а ако има согласност за една, тогаш да се воведе изборен праг од пет проценти. Од Алијанса пак побараа да се воведат осум изборни единици.

Последно за промени во актуелниот Изборен законик зборуваше премиерот Димитар Ковачевски на Меѓународниот ден на жената, кога кажа дека течат разговори во коалцијата.

„Веќе правиме усогласување со коалиционите партнери што се однесуваат на нови унапредувања на родовата еднаквост – измени и дополнувања на Изборниот законик во правец на постигнување целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници“, рече Ковачевски.

Инаку, согласно процедурите, доколку се усвојат промени во Изборниот законик тие треба да стапат на сила најмалку шест месеци пред одржувањето на избори. Претставниците на власта изминатиов период повторија дека следните парламентарни избори ќе бидат во јуни идната година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button