Лога:Промена на водичот за неважечките ливчиња меѓу два круга е незаконско

Државната Изборна Комисија го официјализираше и изборниот резултат за општина Кисела Вода, каде во првиот круг победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Георгиевски како и победата на кандидатот на ДУИ Алија Јаоски за општина Пласница. Потврдата на резултатите доаѓа по затворањето на постапката за приговори од страна на учесниците на изборите. На гласачкото место 0543 во Дебар ќе има прегласување на 31 октомври. Тоа значи дека во Дебар нема втор круг оваа недела. Додека пак на гласачкото место 2957/1 во Шуто Оризари ќе се прегласува за листата за општински советници и советници на Град Скопје. На овие избирачки места ДИК избра нови членови.
ДИК го промени и Водичот за неважечките ливчиња. Валидното гласачко ливче ќе се брои и без печат ако ги исполнува сите услови според Изборниот законик, односно ако се заокружи редниот број пред носителот на листата или пред кандидатот и каде може да се потврди изборот на избирачот. Неважечко ливче се смета кога не е завршено или се заокружени повеќе опции. Со оваа одлука се отстранува можноста и гласачките ливчиња на кои избирачките одбори заборавиле или не ставиле печат пред да им ги дадат на гласачите, исто така, да се сметаат за неважечки.
„Уште еднаш апелираме како ДИК до избирачките одбори да се придржуваат до почитувањето на членот 109 од Изборниот законик бидејќи тоа е нивна одговорност“.
Членот на ДИК Кренар Лога не се согласува со ваквата одлука и истата ја нарекува незаконска. За ова писмено ги известил и останатите членови.
„Како член на ДИК не се согласувам и изразувам големи сомнежи за изборни нерегуларности бидејќи упатството се менува по првиот изборен круг. Упатството не е во согласност со Изборниот законик, затоа барам оваа одлука веднаш да се повлече, во спротивно ќе се обратам до Управниот суд“.
Веќе истекоа роковите болните или лицата со решение за изолација да се појават на гласање. Врз основа на бројот на заинтересирани страни, ДИК ќе го подготви потребниот број изборни органи за спроведување на нивното гласање.
Fatlume Dervishi