ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Лога загрижен за најавите за распуштање на Судскиот и Советот на ЈО

Лога загрижен за најавите за распуштање на Судскиот и Советот на ЈО

Министерот за правда во техничката влада Кренар Лога  упати писмо до официјален Брисел, Вашингтон и дел од странските амбасади во земјава дека новото владејачко мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ преку законски измени планира да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Според него, ова е обид да се „зароби“ правосудниот систем, што го подготвува новото парламентарно мнозинство.

Лога, кој сега овие најави ги нарекува брзи и опасни, се обиде да го стори истото минатата година, додека Судскиот совет беше на удар за низа скандали. Тој јавно побара да се прекине мандатот на составот на Судскиот совет.

Но, бидејќи не доби поддршка од коалициските и опозициските партии, тој се повлече од предлогот и остави простор Мисијата на ЕУ да ја оцени ситуацијата и да даде препораки.

Во врска со писмото денеска се огласи ВМРО-ДПМНЕ. Според Антонио Милошоски, Лога има право да се жали, но сепак сметаат дека е неопходно да се направат реформи.

„Поради еден од најнеспособните министри Лога и неговата заменичка Мадиќ, довербата во судскиот систем падна на рекордни 2%. Реформите се неопходни и ценам дека ВМРО-ДПМНЕ има обврска пред граѓаните да направи реформи во овие две институции“, изјави Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот кој во кризниот период во Судскиот совет беше актуелен со изјави и коментари, но и со секојдневни полемики со членовите на Советот, во денешното писмо на претставниците на меѓународниот фактор им порачува дека за него лично и за Министерството за Правда тие се неприфатливи и недозволиви изјави на политички функционери.

„Не поради заштитата на поединците во овие тела, туку затоа што имаат врска со независноста и автономијата на соодветните институции, за што добивме извештај од мисијата на Европската Унија, каде што точно се покажа кои чекори државните органи треба да ги направат за подобрување на состојбите во судството“, рече Кренар Лога, министер за правда.

Лога на крајот од писмото изразува сериозна загриженост дека новата влада ќе ја преземе контролата врз трите власти и тоа, според него, значи враќање на состојбите и проблемите пред 2017 година, кои создадоа заробена држава.

Впрочем, додека Лога беше на чело на Министерството за правда, беа одобрени скандалозни измени во Кривичниот законик, од кои корист имаа многу функционери вклучени во злоупотреби во времето кога имавме заробена држава.

Инаку, Лога ги брои последните денови на функцијата министер за правда во техничката влада без да го реализира ветувањето на неговата партија дека ќе има меѓународна истрага за случаите за кои јавноста се сомнева дека се монтирани.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button