ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Маја: ОЈО  не го процесуира случајот

Маја: ОЈО  не го процесуира случајот

Во врска со сомнежите дека фирмата „МЛ Гари“ перела пари преку фабриката за пакување вода „МАЈА“, во Дебар, Алсат дознава дека Финансиската полиција кога ја водеше Арафат Мухареми, го доставила досието до Јавното обвинителство на 22 февруари 2018 година. Но, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција додека раководеше Вилма Русковска не го процесуира досието. Финансиската полиција минатата недела требаше повторно да го испрати до обвинителство на предистражна постапка досието од 40 страници. Од Обвинителството велат дека податоците кои се бараат се неопходни за обезбедување докази кои би го подигнале степенот на сомнеж и би овозможиле отворање истражна постапка.

„Надлежниот јавен обвинител во секторот за организиран криминал и корупција од формирањето на случајот во ноември 2016 година, презема континуирани дејствија за расветлување на случајот. Законски рок за времетраење на предистражната постапка нема. Во моментов се очекува акција на Управата за финансиска полиција според издадената наредба. По прибирање на сета потребна документација, ќе биде донесена соодветна одлука на јавен обвинител за натамошниот тек на постапката“, велат од Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Сомнителните трансакции од милиони евра од оф-шор компании со македонско-хрватскиот субјект М.Л.Гари, првично паднаа на радарот на Управата за финансиско разузнавање на МВР. Но, показателите за руско перење пари преку инвестициската шема во фабриката „МАЈА“ во Македонија се движат со темпо на желка.

Досието открива дека во овој период М.Л. Гари успеала да си поврати и ДДВ, од инвестицијата направена во МАЈА. Се вели дека над 1 милион евра даноци УЈП, му вратила на инвеститорот, иако имало предистрага!

„Поради законското право да ги заштитиме податоците на даночните обврзници, не можеме да дадеме детали за правното лице за кое станува збор. Директорот за јавни приходи не е официјално известен за преземените предистражни чекори против тој субјект, и постапил согласно законските одредби за исполнување на сите обврски кон правното лице во однос на плаќањето и враќањето на данокот на додадена вредност“, изјавија од УЈП.

Одолговлекувањето на постапката надлежните локални органи го поврзуваат со тоа што во овој случај се работи за странски физички и правни лица – хрватски и македонски државјани со македонско и хрватско државјанство, како и правни лица регистрирани на Британските Девствени Острови и Кипар. Обвинителството вели дека податоците се побарани преку меѓународна полициска соработка, и соработка со единиците за финансиско разузнавање на инволвираните земји, и потребно е време за да се добијат одговори. Во меѓувреме, фабриката „МАЈА“ продолжува нормално да работи./Алсат.мк

 

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button