Мајк Волц презеде одговорност откако новинар по грешка бил додаден во класифициран разговор меѓу високи американски функционери

Советникот за национална безбедност на Мајк Волц на Соединетите Американски Држави (САД) ја презеде одговорноста за вклучувањето на новинарот Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“, во групниот разговор на апликацијата Сигнал во кој високи американски функционери разговарале за воена операција за напад на јеменските хути.
Ова тој вчеравечер го изјави за Фокс њуз откако овој случај е критикуван во американската јавност и е оценет како еден од поголемите пропусти во воената операција.
„Јас ја создадов групата. Ја преземам целата одговорност. Моја работа е да се осигурам дека сè е координирано“, рече тој.
Негираше дека се познава со новинарот на „Атлантик“, а во поголем дел од интервјуто даваше критики за објавувањето на натписот и посочи дека тоа е направено без докази.
„Можам да ви кажам дека 100 отсто не го познавам тој човек. Го познавам само по неговата ужасна репутација во јавноста“, додаде советникот.
Новинарот на „Атлантик“ објави дека бил додаден во група во која биле и потпретседателот Венс и министерот за одбрана Хегсет, а во која биле објавени детални планови за нападот извршен на 15 март од страна на американската војска врз јеменските хути, и тоа два часа пред да бидат извршени.
Во разговорот, според Голдберг, детално се разгледувале сите аспекти на операцијата, како времето и целите на нападите, можните реакции од другите држави, можните ризици и последици. Посочи дека потпретседателот Венс бил против избрзан напад и се обидел да ги убеди другите учесници во дискусијата да се одложи операцијата, но неговиот став не наишол на поддршка.