ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мајстори немаме, но затоа си имаме куп невработени со Педагошки

Мајстори нема „ни за лек“, а невработени канцелариски работници има во огромен број. Додека пазарот на трудот кубури за квалификувани дејности и за најразлични струки газдите не штедат на пари за плата само за да ги вработат, но сè потешко ги наоѓаат, на оглас за едно работно место со Педагошки факултет конкурираат повеќе од 70 лица. Институтот за економски истражувања, „Фајнанс Тинк“, објави истражување во кое се наведува дека за лицата со ниски вештини не треба да бидеме загрижени оти ќе ја напуштат Македонија, но затоа сезонските работници секаде се дефицитарни и може многу лесно да се одлучат да заминат во странство.

„Од аспект на иницијативата Отворен Балкан главните предности каде ние може да бенефитираме е кај пограничните региони, да ги надополнат местата каде има невработеност и недостигот на работници каде што има кусоци со работници од соседните земји или од регионот“, рече Благица Петрески, „Фајнанс тинк“.

Слична е состојбата и кај останатите држави од Западен Балкан. Сè потешко може да се убеди млад човек кој има занает да остане и да го продолжи својот професионален век во сопствената држава или регионот. И тие како и власта во Македонија се приморани да размислуваат за увоз на работна сила од странство.

„Постои увоз на работници од држави како што се Куба, Таџикистан, Бангладеш и Индија. Најчесто тие се во секторите туризам и градежништво, но има и во ИТ технологијата..“, рече Милош Николиќ, експерт за човечки ресурси од Србија.

„Нашите најталентирани и најпродуктивни работници се одлеваат во Западна Европа поради повисокиот стандард кои го нудат тие земји. Сметаме дека тоа може да се реши е преку зголемување на продуктивноста и да го промениме видот на бизнисите“, рече Ендрит Узеирај, заменик-министер за финансии и економија на Албанија.

Иницијативата Отворен Балкан е само еден од регионалните проекти помеѓу државите кои овозможуваат непречен проток на работна сила и стока. Сепак граѓаните кои решаваат да заминат од Македонија тоа најчесто го прават во западноевропските или скандинавските држави, каде освен повисоки плати, на многу подобро ниво е целокупното живеење, образованието, здравството, судството и социјалната заштита.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button