„Македонија 2025“: Веројатно има групи на кои не им одговара дигитализација на институциите

Дигитализацијата е силна алатка за борба против корупцијата, но, процесот оди бавно, веројатно има групи на кои тоа не им одговара, вели во своето вечерашно интервју за емисијата „Економски Магазин“ на Алсат, извршната директорка на организацијата „Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевски. Како што додава таа, придобивките од дигитализацијата се уште поголеми, како за граѓаните, така и за компаниите.
„Тоа е поквалитетен животен стандард, односно поедноставен и полесен живот, особено доколку се дигитализирани јавните услуги, додека за бизнисите би рекла дека со тоа се создаваат подобри услови за работа. Придобивките се големи и за општеството бидејќи дигитализацијата може да доведе до поголема транспарентност на институциите. Јас силно верувам дека дигитализацијата е силна алатка и за борба против корупцијата. Но, процесот оди побавно, веројатно има групи на кои не им одговара тоа да се направи“, вели Мојсоска.