Филипче ги објави темите за кои сака да се разговара на лидерската средба

Образование, здравство, правосудство, заштита на животната средина и партизацијата во институциите се петте области кои лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека би биле во фокусот на лидерската средба на лидерите на политичките партии која тој ја иницира неодамна. Вели дека трагедијата во Кочани ги освестила системските слабости и дека е крајно време сите политички чинители да почнат да работат заедно за доброто на државата.
„Системот очигледно на многу места не функционира како што треба, јавните сервиси немаат прерформанс каков што граѓаните навистина заслужуваат и за тоа вина имаме сите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии на Албанците и останатите партии. Сметам дека, слушајќи го овој аларм и барањата од граѓаните, потребно е да се направи еден систем, една нова форма на политички и општествен дијалог во кој ќе се вклучат сите политички партии пред сè најголемите и секако други чинители во општеството со цел да се изготват стратешки документи врз основа на кои ќе се направи стратегија врз основа на која државата ќе функционира повеќе од една деценија, деценија и пол или две децении – многу повеќе од мандатот на која било влада и партија или коалиција која ќе ја води. Во некои области очигледно мора да знаеме каде одиме“, изјави лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Лидерот на СДСМ смета дека најпрво треба да оствари тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски бидејќи, како што рече, тој прв подал рака и одговорил дека средбата е прифатлива. Подоцна би дошла предвид и средба со лидерите на парламентарните партии.
„Јас ќе побарам состанок уште денеска или утре согласно агендите да ја организираме таа средба. Сега дадов малку подетално објаснување и се надевам дека кога политичките партии ќе го слушнат ова навистина ќе ја прифатат таа лидерска средба, но добро е прво тоа да го разговараме со премиерот имајќи предвид дека тој прв подаде рака и одговори дека средбата е прифатлива. Навистина не знам што од она што го кажувам како концепт би било неприфатливо или некој не би сакал да разговара кога тоа е констатација на секој еден граѓанин во државата“, рече Филипче.
На тет-а-тет средбата со премиерот, како што рече, најпрво треба да се разгледаат темите, дури потоа и за начинот односно методологијата како, доколу се договорат на овие теми, би работеле и би се спровеле во пракса.