ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Македонија и Обединетото Кралство го потпишаа договорот за стратегиско партнерство

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со британскиот министер за економија и извоз, Герет Томас, во Лондон потпишаа договор за политичка и економска соработка. Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти во транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата и животната средина.

Advertisements

„Ова го гледаме како одлична можност за развој на државата. Веќе имаме три подготвени проекти – за брза железница на Kоридорот 10, проект за болници и проект за Медицинскиот факултет. Во наредниот период ќе работиме на нови проекти во енергетиката, екологијата и други сектори. Она што е особено важно е што ќе ја искористиме британската експертиза и искуство за унапредување на нашата администрација и бизнис сектор“, рече Николоски.

Од британска страна, фокусот на договорот е унапредување на инфраструктурата, што, според нив, ќе придонесе за економски раст.

„Договорот ќе поддржи реализација на клучни проекти со фокус на модерни институции и здравствени услуги. Новата железница ќе го скрати времето на патување и за луѓето и за стоките. Инфраструктурните инвестиции се клучни за економскиот раст и подобар живот на граѓаните. Овој партнерски однос е нова основа за соработка и размена на најдобри практики меѓу двете земји“, изјави Герет Томас, министер за економија и извоз на Обединетото Кралство.

Како дел од македонската владина делегација беа вицепремиерот Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Синиша Ивановски. Според Меџити, договорот предвидува и решавање на деценискиот проблем со опасен отпад.

„Излеговме со нова иницијатива од Министерството за екологија – да ја искористиме оваа финансиска можност и британската експертиза за трајно отстранување на опасниот отпад. Тоа вклучува решавање на проблемот со линданот во фабриката ОХИС, Југохром, како и депонијата во Вакцице, Лојане, кои претставуваат ризик по животната средина и здравјето на граѓаните“, рече Меџити.

Договорот веќе е усвоен од Владата, а за да стапи во сила, треба да биде ратификуван од Собранието.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button