Македонија Опен, Калин Ивановски против Мили Пољичак

Калин Ивановски оваа година ќе го има својот втор настап на АТП Челинџер турнирот Македонија Опен. Минатата година поради повредата на колкот Ивановски не беше учесник, а во изминатиов период имаше неколку настапи на турнири за враќање во формата. Hастапот во Скопје пред домашната публика е секако мотив за добар резултат.
Во првото коло Ивановски за ривал го има хрватскиот тенисер Мили Пољичак, осми носител, кој во 2022 година беше победник на јуниорскиот турнир на Вимблдон. Мечот ќе се игра утре (вторник).
„Мило ми е што пак сум тука, што ќе играм во Скопје. Секако чест и задоволство е да се игра пред домашната публика. Добро се познавам со мојот утрешен ривал Пољичак, тренираме во ист клуб. Што се однесува до подготвеноста, сметам дека добро сум подготвен, но едно знам дека утре ќе има добар тенис“, изјави Калин Ивановски на прес конференцијата.
Ивановски е единствениот македонски тенисер во главниот турнир, додека четири играчи беа елиминирани во првото коло од квалификациите.