РАКОМЕТСПОРТ

Македонија сега сака победа над Холандија

Ракометната репрезентација на Македонија во второто коло на Светското првенство ќе се судри со Холандија. Ако пред стартот на Мундијалот примарната цел беше обезбедување на место во главната фаза, апетитите сега пораснаа и победа над Холандија може да го трасира патот кон добар пласман. Три бода пред мечот од последното коло со Гвинеја би значеле многу за понатамошниот тек на првенството, бидејќи би пренеле повеќе од бод во втората фаза.

Натпреварот со Холандија е веројатно клучен во овој момент за Македонија. Се работи за брза репрезентација, една од најбрзите на светот и примарната цел треба да биде успорување и умртвување на играта. Пред две години во Краков се судривме со „лалињата“ и добивме лекција по брз ракомет, а нашата одбрана беше далеку од посакуваното ниво. Главната сила и веројатно тактиката на Холанѓаните ќе биде играта „еден на еден“ и креацијата на средните бекови, пред се Лук Стеинс. Пред нашите ракометари е еден целосно спротивен предизвик од дуелот против силните и агресивни Унгарци. Сега ќе треба брзина, компактност и брзи одговори на продорите на ривалот, секако ако се сака победа.

Мечот на Светското првенство пред две години беше единствена пресметка на Македонија и Холандија, а тие славеа со 24-34.

Македонија ќе ја има поддршката од „осмиот“ играч на трибините, бидејќи „Фалангата“ е веќе во огромен број, а се очекува и наплив на уште повеќе навивачи за викенд. Дуелот против Холанѓаните се игра во „Арена Вараждин“ во терминот од 18:00 часот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button