ЕКОНОМИЈА

Македонија со највисока инфлација во последните 25 години

Тоа што македонските граѓани во изминатите месеци го гледаа во маркетите преку постојаното покачување на цените на основните животни намирници доби и официјална потврда со висината на инфлацијата, која е „измерена“ и од државната статистика. За само една година, од октомври минатата година до минатиот месец, инфлацијата во Македонија пораснала за дваесет проценти. Индексот на трошоците на животот во октомври 2022 година, во однос на октомври 2021 година, бележи зголемување од 19,8 отсто. Цените на мало се исто така драстично зголемени и само за една година е забележан раст во просек од 15,4 отсто, но загрижувачки е што цените на основните прехранбени производи се покачени за над 30 отсто. Најголемо поскапување има на лебот, за 47,7 отсто, и на млекото, сирењето и јајцата, за 40,7 отсто. Маслото за јадење е поскапо за 40,3 отсто, месото за 28,6 проценти, зеленчукот поскапе за 22,4 отсто, а овошјето за само една година е поскапо за 15,5 отсто.

Advertisements

Граѓаните во Македонија ја „плаќаат“ највисоката цена од економската криза во споредба со сите други земји од нашето поблиско опкружување. Според најновиот извештај на Светската банка, Македонија има највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години, а проекциите се дека инфлацијата ќе расте, додека државава се соочува и со ризик од стагфлација, односно раст на цените при намалено производство. Во септември, инфлацијата во Македонија изнесувала 18,7 отсто, во Србија 14 отсто, во Хрватска 12,8 отсто, во Босна и Херцеговина 17,3 отсто, во Црна Гора 16 отсто и во Словенија 10 отсто.

Во октомври, инфлацијата во нашата земја го достигна историскиот максимум, со опасност таа да влезе во инфлаторна спирала, од која тешко се излегува. Подрастичен пример за високата инфлација е Турција, во која месечниот скок на цените достигнува и до 80 отсто! Македонскиот граѓанин, кој е на дното на листата од земјите во регионот според месечните приходи, одамна ја изгуби трката со трговците, кои секојдневно ги зголемуваат цените на основните животни намирници.

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button