Македонската полиција го одбележа 7 Мај со фокус на безбедноста и борбата против криминалот

Клучната улога на полициските службеници во обезбедувањето на јавната безбедност и борбата против криминалот и корупцијата беа во фокусот на денешното одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција. На свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово беа нагласени постигнатите резултати, како што е намалувањето на криминалитетот за речиси пет проценти и сузбивањето на 14 организирани криминални групи. На настанот беше испратена порака дека во државата нема место за врски, непотизам и заштита од одговорност и дека борбата против криминалот и корупцијата ќе продолжи со целосна посветеност.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја истакна важноста на полициските службеници во одржувањето на јавната безбедност и порача дека да се биде полицаец не значи само носење на униформа, туку и посветеност во заштитата на татковината.
– Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било, истакна Тошковски, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи активно соработува со бројни европски и регионални партнери.