МАКЕДОНИЈА

„Македонски пошти“ дваесет дена работи со сериозни загуби


Повеќе од 20 дена државната фирма  „Македонска пошта“ работи со сериозни загуби по пропаѓањето на Еуростандард банка бидејќи платниот промет одеше преку банката. Од тогаш не работат 330 поштенски едници или шалтери на пошта, а прекинат е и меѓународниот сообраќај. Поради ваквата ситуација, повеќе од 2300 вработени во оваа компанија со државен капитал, стравуваат за своите работни места и бараат финансиска помош од Владата.

„Во име на вработените, синдикатот на Македонска пошта со оглед на сериозноста на состојбите кои можат многу лесно да прераснат во финансиска криза и непосакувани ефекти и последици во работењето бара итна средба со премиерот на владата најдоцна до истекот на идната недела се со цел изнаоѓање итно решение за надминување на состојбите и повторно овожможување на платниот промет“, рече Боро Вериганов Претседател на синдикат на Македонска пошта.

Од владата ни соопштија дека прашањето за избор на нова банка која ќе работи со Македонска пошта денеска ќе помине на владина седница, а со тоа ќе биде овозможено да проработи и платниот промет во пошти. Изминативе две недели владини претставници даваа различни изјави кога може да се очекува да профункционира работењето на пошти. Оливер Спасовски како технички премиер рече  дека Македонска пошта не треба да чека владина одлука, туку самите да изберат банка со која ќе работат, но два дена подоцна сега веќе актуелниот премиер Зоран Заев изјави дека Владата е таа која ќе ја  донесе одлука за започнување на избор на нова комерцијална банка.

Инаку, поради тоа што Македонска пошта нема склучено договор со банка, не може да наплатува сметки за струја и останати комунални давачки. Но, позагрижувачки беше тоа  што ја стопираше и исплатата на пензии и социјална помош на примателите кои ја добиваа на домашна адреса преку поштар.

Иле Петревски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button