
Младиот и талентиран македонски модел, Димитар Димоски, постигна извонреден успех на престижниот меѓународен натпревар Top Model International, кој се одрж во Белгија. По успешното учество на кастингот во Женева на 14 септември, каде што беше избран меѓу 5.000 кандидати, Димитар продолжи да ги импресионира жирито и публиката со својот талент и харизма.
Во полуфиналето во Брисел, тој се најде меѓу најдобрите 450 учесници и го освои првото место, освојувајќи ги гласовите на жирито и публиката. Со ова постигнување, Димитар обезбеди пласман во големото финале, кое ќе се одржи на 17 мај 2025 година во Монте Карло, Монако, во легендарната Salle des Etoiles на Sporting Monte Carlo.
Покрај Димитар, уште една македонска претставничка ќе се натпреварува во финалето. Станчева Лара, 15-годишна надеж од Скопје, ученичка од средното училиште Ѓорѓи Димитров, исто така успеа да се пласира во завршната фаза на натпреварот. Лара учествуваше на кастингот во Париз во ноември и веднаш беше одбрана за полуфиналето во Брисел. Таму се истакна како еден од омилените кандидати на жирито, што ѝ обезбеди директен пласман во големото финале.
Единствени претставници на Македонија и Балканот во финалето
Димитар и Лара се единствените претставници од Македонија и Балканот кои успеаја да се квалификуваат директно во финалето. Нивната средба во Скопје беше исполнета со ентузијазам и амбиција, а Димитар на социјалните мрежи напиша: „Правиме стратегија како да победиме!“
Димитар, кој неодамна ја започна својата кариера во модниот свет, веќе постигна неверојатен успех. „Отсекогаш сакав да бидам модел, но немав доволно самодоверба. Сега, кога конечно ја имам, пресреќен сум што за само една година потпишав два договори со модни агенции во Женева и Париз и освоив прво место во полуфиналето на Top Model International. Ќе дадам сè од себе за да го освојам врвот во финалето и да ја направам Македонија горда!“ – изјави Димитар.
Од друга страна, Лара, која е дел од модната агенција „Црнокрак“ во Скопје, веќе има значително искуство и покрај нејзината млада возраст. Со само 15 години, таа учествувала на три модни ревии, меѓу кои најзабележителна беше ревијата на Wedding Expo во Александар Палас во Скопје.
Големото финале – шанса за глобално признание
Овој престижен настан, кој оваа година го слави својот 21-ви роденден, ќе биде спектакуларен, нудејќи им на финалистите можност да блеснат на светската модна сцена. Со конкуренција од над 250 учесници од повеќе од 50 земји, Димитар и Лара напорно се подготвуваат за финалето, мотивирани да ја освојат златната медалја и да се позиционираат на врвот на светската модна индустрија.
Нивниот успех е инспирација за многумина и потврда дека со посветеност, талент и страст, соништата можат да станат реалност. Top Model International, основан во 2004 година во Брисел, е еден од најпрестижните модни натпревари во светот, овозможувајќи им на младите таленти да добијат меѓународно признание и пробив во модната индустрија.
Да им посакаме на Димитар и Лара многу успех во претстојното финале и да ги поддржиме во нивната амбиција да го освојат светот на модата!