Македонскиот денар ставен на девизната листа на валути во Србија

Народната банка на Србија (НБС) денеска соопшти дека на листата на валути со кои се тргува на девизниот пазар на Србија од 1 ноември ќе вклучи две нови валути, валутата на Северна Македонија-денарот и валутата дирхам на Обединетите Арапски Емирати, додека хрватската куна ќе биде избришана од 1 јануари 2023 година, кога Хрватска ќе влезе во еврозоната, јави дописникот на МИА од Белград.
-При донесувањето на одлуката за вклучување на македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар, Народната банка на Србија се водеше од развиените економски и други форми на соработка меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и на потенцијалот за понатамошен развој на оваа соработка, особено по започнувањето на иницијативата Отворен Балкан, соопшти НБС.
Од НБС посочија дека воведувањето на македонскиот денар во листата на валути со кои може да се тргува во Србија треба да го олесни остварувањето на дефинираните цели на оваа иницијатива.