Македонскиот државјанин ранет на Врачар се нашол на погрешно место во погрешно време

Дваесет и едногодишниот македонски државјанин, кој беше ранет во вооружениот инцидент што вчеравечер се случи во белградската населба Врачар, случајно се нашол на местото на вооружениот инцидент, велат за „360 степени“ од Министерството за надворешни работи на С Македонија.
Тој, како што информираат од МНР, бил заедно со уште едно лице, исто така македонски државјанин, кое не е повредено во пукањето.
„Станува збор за двајца наши државјани кои биле случајни минувачи, од кои едниот со прострелна рана е пренесен во Ургентниот центар (во Белград) за хируршка интервенција. Тој во моментов се чувствува добро“, велат од МНР.
Како што информираат оттаму, додека ранетиот бил пренесен во ургентниот центар, другиот македонски државјанин бил во полициска станица каде што дал изјава.