ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Макрон замина од Москва без брзи резултати со Путин

Медијаторската мисија на францускиот претседател Емануел Макрон не донесе инстант-резултати. По средбата во Москва со колегата Владимир Путин, француските медиуми пренесоа дека на Макрон наводно му било ветено оти Русија веќе нема да презема никакви воени вежби во близина на границата со Украина.

Advertisements

Но, веднаш пристигна демант од Кремљ – тоа не било ветено, иако е потребна деескалација. На маса биле поставени можни решенија.

„Имавме разговор од кој произлегоа голем број предлози за кои мислам дека Русија и Франција се приближуваат во ставовите“, вели Емануел Макрон – претседател на Франција.

„Се договоривме, по посетата на Макрон на главниот град на Украина, да се слушнеме и да размениме мислења за овие предлози“, Владимир Путин – претседател на Русија.
Откако потоа пристигна во Киев, пред средбата со Володимир Зеленски, Макрон повтори дека добил уверување од Путин дека состојбата нема дополнително да се влошува и додаде дека ја разбира и нервозата кај украинскиот колега, бидејќи има 125 илјади руски војници на границата.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска истакна дека Киев е за дипломатско решение, но без да се преминат црвените линии.

Претходно од Вашингтон, претседателот Џо Бајден на заедничката прес-конференција со Олаф Шолц порача дека САД и Германија се подготвени доколку не успеат дипломатските напори.

„Ако Русија изврши инвазија, што значи тенкови и војска повторно да ја поминат границата на Украина, тогаш повеќе ќе нема гасовод „Северен поток-2“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.

Бајден исто така откри дека на германскиот канцелар му порачал да се комплетира интеграцијата на Западен Балкан во Унијата, бидејќи само така Европа би била слободна и во мир. Во меѓувреме, од Украина го повторија ставот за членство во НАТО, но Русија бара писмени гаранции дека Алијансата повеќе нема да се шири во нејзиното соседство.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button