Маричиќ: Акциската програма за 2023 година во рамките на ИПА III со вредност од близу 108 милиони евра

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа првиот од двата состаноци на ИПА Програмската мисија за 2023-2024 година, на кој присуствуваа претставници на Генералниот директорат на Европската Комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР) и претставниците на министерствата.
Како што соопштија од владината прес-служба, воведно обраќање имаше домаќинот на настанот, вицепремиерот задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ во кое истакна дека веќе е започнато програмирањето на Акциската програма за 2023 година во рамките на ИПА III, што тој го гледа како можност плус за финансирање на националните инвестициски приоритети, кои се во согласност со економскиот и инвестицискиот план, како и Зелената агенда.
“Процесот на програмирање ќе резултира со добро осмислена програма од близу 108 милиони евра, што е во согласност со инструкцијата за добивање +20 проценти од доделените средства во 2021 година”, рече Маричиќ додавајќи дека ИПА фондовите носат големи придобивки за граѓаните и оти несомнено тоа е една од најуспешните приказни на процесот на европска интеграција.
Презентација на состанокот имаа и гостите од ДГ НЕАР, кои во текот на првиот ден од оваа мисија информираа за најновите случувања на правилата и процедурите на ИПА.
Утрешниот ден ќе биде посветен на презентации на нашите институции за приоритетните проекти кои се релевантни и зрели да бидат предложени во рамките на Годишната акциона програма за 2023 година.
Вицепремиерот и Национален ИПА координатор на состанокот укажа на чекорите што беа преземени во претходниот период со цел да се даде рамка на дијалогот за креирање политики што треба да ги обликува не само програмите на ИПА, туку и другата донаторска помош.
Целта на мисијата е размена на мислења за Инструментот за претпристапна помош – ИПА III, првенствено за правната рамка и институционалните барања, како и инструкции за критериумите за подобност и комплементарноста на регионалните ИПА програми, вклучително и Инвестициската рамка за Западен Балкан – WBIF.