Маричиќ: По уставните измени не очекувам друга блокада од Бугарија

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оценува дека Бугарија ќе нема кредибилитет повторно да ја блокира земјава на евроинтеративниот пат доколку се усвојат уставните измени. Иако, неодамна шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека е прилично сигурен дека Бугарија ќе формулира нови барања, Маричиќ вели дека постои предвидливост во процесот, зашто обврските се напишани на хартија.
„Секоја држава, држава-членка, има можност во текот на преговарачкиот процес да отвори прашања, но нашите обврски со Бугарија се цврсто забележани и напишани во преговарачката рамка и во сите билатерални документи што ги имаме со нив и јас не очекувам други блокади по завршувањето на оваа крупна обврска“, рече Маричиќ.
Изминатиов викенд бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел кажа дека нема нови услови, освен веќе постоечките. Таа ги наброја уставните измени, реализација на Договорот за добрососедство и двата протокола кои произлегуваат од него. Габриел, како што додаде, очекува Скопје да не се самосаботира.
Од друга страна, Маричиќ денеска изјави дека со секој изминат ден има се помалку време за завршување на обврските, но очекува процесот на уставни измени да финишира до крајот на годинава. Вицепремиерот повтори дека во оваа насока се разговара и со пратениците и со политичките партии во целина. Евроинтеграцијата беше главна тема и на т.н. стратешки тим на СДСМ, кој ги седна на иста маса Ковачевски и Заев, но Маричиќ не откри какви конкретни заклучоци биле донесени за исполнување на преземената обврска за внес на Бугарите во Уставот.
„Се работи за едно многу важно тело во коешто се собрани луѓе со многу политичко искуство, коишто треба да дадат придонес и за градење на внатрешна кохезија на партијата, но и за позитивната стратегија за победа на изборите наредната година“, додаде Маричиќ.
Маричиќ истакна дека гласањето за уставните измени ќе биде закажано во моментот кога власта би била блиску до обезбедување 80 пратенички гласа „за“.
Лука Андреев