Масакрот во училиштето во Белград ги алармираше институциите

По масакрот во Србија, Министерството за образование се разбуди. За утре е закажана средба со академската заедница каде се очекува да се дадат предлози и иницијативи како да се зголеми институционалната грижа за учениците со цел да се спречи насилството во училиштата. Од 25 до 30% од средношколците вршат некаква форма на насилство врз своите врсници, покажуваат најновите истражувања на невладиниот сектор. 14% од учениците признаваат дека биле малтретирани од нивни врсници подолг период.
Психолозите предупредуваат дека малтретирањето што не е спречено навреме и не е забележано од родителите или наставниците, може да оди до крајност. Детето во самоодбрана може да преземе опасни активности. Првите знаци на малтретирање, кои се несигурност, анксиозност и плачење без причина, треба да бидат вистински аларм за родителите и наставниците.
„Првиот знак е дека кај детето се манифестира анксиозност, тогаш тоа може да оди во депресија, тогаш постојат случаи кога детето оди во друга крајност кога во самоодбрана презема иницијативи кои можат да бидат девијантни кои се повеќе вознемирувачки за општеството. Кога на детето ќе му прекипе од постојано и систематско малтретирање, тоа стигнува до точка каде што се чувствува дека негов избор е да се одмазди во физичка форма или со други методи кој сам ги избира“, рече Хатиџе Сефа, психолог.
Според психолозите, многу родители се плашат да побараат помош од професионалци поради предрасуди и стигматизација во општеството.
„Случаите кои бараат помош се оние кога се притиснат до ѕид и немаат начин да се справат со проблемот понатаму, кога не знаат кои други методи да ги користат. Многу се ретки случаите кога родителите бараат помош поради вознемиреност или поради непријатност што детето ја доживува поради малтретирање. Бројот е многу зголемен. Сајбер-булингот е присутен, бројот е поголем отколку што може да се предвиди. Ако направиме споредба колку има и колку бараат помош, потрагата по помош е многу мала. Многу малку случаи бараат помош“, додава Сефа.
Трагедијата во Белград покрена многу прашања. Дали постапките на малолетникот дошле како резултат на постојано малтретирање, односно булинг во училиштето?
Вјолца Алити