
Управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија на денешната своја седница го прифати предлогот за назначување на директор на А-македонската репрезентација и директор на репрезентацијата до 21 година.
Данчо Масев е именуван за директор на А репрезентацијата на Македонија, повторно вратен на позиција од која се повлече пред три месеци. Поранешниот македонски репрезентативец се враќа на позицијата која ја извршуваше од јуни 2018 до ланскиот септември. Масев беше директор на најдобрата репрезентација во моментите на најголемиот успех – пласманот на Европското првенство и освоеното прво место во последното издание од Лига на нации.
Игор Митревски е именуван за директор на репрезентацијата на Македонија до 21 година. Стружанецот, поранешен прославен македонски репрезентативец, кариерата ја започна во Македонија Ѓорче Петров, а подоцна играше уште и за Караорман, Напредок и Силекс. Во 2001 година замина во Москва, во гигантот Спартак. Остави длабок белег и стана трет странец со најмногу настапи за Спартак Москва, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите. Како интернационалец настапуваше и во Украина, Израел, Азербејџан и Германија.