
По бојкот од 12 дена и целосен прекин на железничкиот сообраќај, вработените во „Железници транспорт“ денеска до 15 часот очекуваат исплата на вториот дел од платата за февруари. Ова како најава го добиле на вчерашната средба со раководството на „Железници“.
Во изјава за МИА, претседателот на Синдикат на машиновозачи и претставник на машинскиот и извршниот персонал, Тони Димовски, изјави дека до вчера требало да им се исплатат и патните трошоци за март, но оти и тоа не се случило. Додаде дека бојкотот е организиран самоиницијативно и оти вработените се на работа, но не ги извршуваат работните задачи.
Освен исплата на вториот дел од февруарската плата, машиновозачите бараат и зголемување на вредноста на бодот за 30 проценти, исплата на ноќна работа за кондуктерите, како и вработување на 40 машиновозачи за што, како што велат, уште во февруари испратиле барање до министерствата за транспорт и врски, и за финансии и до Владата.