Масовна посета и бакнување на ковчегот на поглаварот на СПЦ кој почина од Ковид-19

Од Кризниот штаб апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита при оддавање почит на поглаварот на СПЦ Иринеј чие тело е изложено во соборниот храм во Белград.
Од видеата и фотографиите се гледа како во храмот нема дистанца, не се носат маски, а некои го бакнуваат ковчегот на Иринеј кој почина од ковид.
Владата на Србија донесе одлука за воведувањето забрана на работата на сите локали по 18 часот, освен продавниците за храна, бензинските пумпи и аптеките.
Одлуката следува откако Кризниот штаб предложи затворањето да биде по 17 часот.
Епидемиологот Срѓа Јанковиќ, член на Кризниот штаб, изјави дека предлогот треба да стапи на сила што е можно поскоро, бидејќи „станува збор за часови, а не за денови“.
Јанковиќ за РТС утрово кажа дека заострувањето на мерките е потребно, пред сè, кога станува збор за објекти кои „не се итна потреба“, и притоа да се потврди обврската за носење маска и забрана за јавни собири.
Според него, мерките мора да се спроведат безрезервно, за состојбата да не биде полоша.
Исто така, предложено е да се носат маски во сите ситуации каде што може да се појави контакт меѓу луѓето, дури и на отворено каде луѓето не можат да избегнат контакт едни со други.
„Дел од нас предложи маската да се носи секогаш и секаде, но преовладува разумот затоа што не би имало смисла некој да носи маска и да оди покрај реката сам“, смета епидемиологот.
Јанковиќ посочува дека многу повеќе се зборува за полициски час меѓу луѓето и додава дека Кризниот штаб не размислувал за такво нешто.
„Во овој момент, тоа не се разгледува. Доколку овие мерки се спроведуваат, приказната за забраните за движење ќе биде непотребна. Предлагаме луѓето да избегнуваат ситуации кога можат да бидат во контакт“, истакна Јанковиќ.
По сликата која денеска ја пренесуваат српските медиуми, каде голем број граѓани од утрово се во посета на Соборниот храм во Белград каде е изложено телото на поглаварот на СПЦ, Ирнеј, кој почина од компликации од ковид, епидемиологот апелираше до граѓаните да се придржуваат кон мерките при оддавањето почит.
„Бакнувањето на верниците е важно, но важна е и заштитата на животот и здравјето, и сигурен сум дека најдобро ќе оддадеме почит со тоа што ќе го заштитиме здравјето на нашите најблиски“, истакна членот на Кризниот штаб.
На видео снимките и фотографиите се гледа дека меѓу присутните нема дистанца, а најголем дел од граѓаните кои доаѓаат во храмот не носат маски, иако СПЦ најави дека ќе се почитуваат сите мерки, а некои го бакнуваат и одарот каде е изложено телото на Иринеј и ковчегот е прекриен со стакло.
Според официјалните податоци, во последните 24 часа починале 30 лица, а бројот на заразени е 6 254, од тестирани 19 301. Во болниците се лекуваат 5 803 лица од кои 192 се на респиратор.