ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Масовно се откажуваат туристичките ангажмани за Албанија

Mакедонските граѓани кои за престојните Првомајски и Велигденски празници имаа уплатено аранжмани за Албанија, ги откажуваат истите. Причина за тоа е затворањето на границата со Македонија од албанска страна и условот, секој кој што ќе влезе во Албанија да мора да помине двонеделен карантин, на сопствен трошок во некој од хотелите. Добар дел од агенциите за празничниот викенд нудеа посети за Елбасан, Тирана и приморските градови.

Advertisements

„Агенциите моментално вршат рефундација на уплатите кои се извршени од нашите клиенти и се надеваме дека овој карантински период ќе заврши наскоро и дека Албанија ќе биде отворена како туристичка дестинација за Македонија“, рече Филип Стефаноски-сопственик на туристичка агенција.

И албанските граѓани се откажуваат од доаѓање во Охрид или Струга, затоа што и тие при повторното враќање назад, ќе мора да одат во домашен карантин. Во контакт со тур оператори од Охрид, веќе се откажани неколку организирани групи од Тирана и други градови, иако албанските граѓани особено за викендите редовно доаѓаа на еднодневни прошетки.

„Мерката за затворање на границите е непопуларна мерка. Се одразува и кај нас, се откажуваат резервациите. Сите кои што на некој начин сакале да дојдат ден два во Охрид ги откажуваат сите тие аранжмани“, вели Игор Иванов- менаџер на хотел.

Васил Стерјовски, пратеникот Македонец во албанскиот парламент вели дека ваквата одлука е избрзана и погрешна, бидејќи веќе се намалува бројот на заразени од Ковид 19 во Македонија. Според него техничкиот комитет на експерти треба што побрзо ова недела да ја ревидира истата.

„Побарав од албанските власти, да ја укинат ваквата одлука, бидејќи со ова на околу 3000 Македонци од Мала Преспа и други делови во Албанија, кои живеат и работат во Македонија ќе им биде оневозможено да гласаат на изборите во недела“, вели Стерјовски.

Според него ова економски ќе ги погоди и жителите кои живеат на албанско-македонската граница,работат сезонска работа во пограничните региони на Македонија, патувајќи секојдневно. Од Преспа, Општина Пустец секој ден во Македонија, влегувале и излегуваат над 300 жители и за кои таквата работа им била единствен приход. Одлуката на албанските власти за сега на сила треба да биде до трети мај.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button