
ОЈО Кавадарци сè уште врши увид во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица
Убиство и самоубиство се случи утрово во зграда во Демир Капија. Неофицијално, како што пренесува МИА, маж на 64-годишна возраст пукал во соседот (34), кој живеел во станот над него, а потоа се самоубил. Наводно, причината била претходно расправија.
Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, потврди за МИА дека се случил немилиот настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци сè уште врши увид во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица.
„Се преземаат дејствија за испитување на настанот“, информираа од Обвинителството.
Во текот на денот се очекува и официјални информации и од МВР.