„Мазут“ – Обвинителството продолжува со истрагата

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција продолжува да постапува во истрагата каде бизнисмени и трговци со деривати, во соработка и со помош на директори и вработени во Електрани на Македонија, манипулирале со тендерската постапка за снабдување на ТЕЦ Неготино со мазут. Ова се случувало во периодот 2021 – 2023 година, а државниот буџет е оштетен за 167,5 милиони евра.
Засега, листата на осомничени се состои од вкупно 13 лица. Директорот на РКМ Ратко Капушевски, кој во јавноста е познат како блиска личност на Никола Груевски, е меѓу најпознатите имиња, а со него е вклучен и синот на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски или сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски. Во листата на осомничени е и името на поранешниот директор на ЕСВ, Васко Ковачевски, кој долго време е во бегство поради другиот случај каде што е гонет, познат како „Адитиви“. Понатаму, кривично обвинение беше поднесено и против поранешниот директор на ЕСМ и функционерот на ДУИ, Ардијан Муча, но и против Ерџан Сулкоски, бизнисмен познат во јавноста како деловен партнер на зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Куштрим Смајлај. Дополнително се споменуваат и други лица како Ружди Рамадани, Никола Стојановски, Данчо Стојановски, Емил Пецаков, Марија Нешковска, Благица Марковиќ, Душица Сеизовска Јовановиќ и Добрила Стефановска.
Од 11 март Капушевски, Сулковски и Муча се во притвор, а три дена подоцна им се придружи и Асмир Јахоски, по реакцијата во јавноста откако Обвинителството и Судот го поштедија со куќен притвор. Други седум се со мерки на претпазливост, одземени им се пасошите и се должни да се пријавуваат во суд.
Според Обвинителството, фирмата на Капушевски – РКМ била фаворизирана и со лажни документи добивала тендери за набавка на мазут, каде принципите на пропорционалност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори не се почитувани во постапката.
Незаконски набавените средства, осомничените ги пуштиле во промет со цел да го сокријат потеклото. Со дел од средствата, според обвинителството, купиле луксузни автомобили, а други биле префрлени во различни банки, а потоа ги повлекле во готово.
Суад Бајрами