ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Меџити: Арсовска е алатка на ДУИ

Првиот вицепремиер Изет Меџити жестоко ѝ возврати на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која денови наназад обвинува за масовна бесправна градба во општина Чаир. Според Меџити, Арсовска дури сега, на крајот од мандатот, се „сетила“ дека постои Чаир и Скопје, а нејзините постапки ги нарече дел од план за дестабилизација, предводен од ДУИ.

Advertisements

„Прво, добро е што на крајот од мандатот се сети дека постои Чаир, постои Скопје, бидејќи досега не ја видовме никаде. Жал ми е што стана инструмент, заедно со Левица, на планот за дестабилизација на ДУИ. ДУИ не успеа со планот на господинот Таравари за да ги извади луѓето на улица. Сега е претворена во алатка на ДУИ за дестабилизација. Во наредните денови ќе излеземе со информации и за дивоградбите. Има докази во градежниот инспекторат колку има градби во Чаир, Сарај и во другите општини на републичко ниво. За секоја прекршување нека се обрати до надлежните институции“, рече Меџити.

Од Обвинителството, пак потврдија дека добиле пријава во врска со бесправни градби во Чаир, кои деновиве ги објавува Арсовска. Таа обвини дека во Чаир со години се гради нелегално и дека станува збор за 150 објекти евидентирани во Катастар, но одбиени од Градот Скопје за легализација. Обвинителството веќе почнало со соодветни постапки. Во јавноста сега се поставува прашањето – каде беше Арсовска сите овие години додека се натрупуваа проблемите во Скопје: од ѓубрето и недостигот на јавен превоз, до урбанистичкиот хаос? За време на кампањата, Арсовска најави низа амбициозни проекти: пет нови мегапаркови, бесплатен јавен превоз, пет нови булевари, гасификација на Скопје, поевтини паркинзи за 25 отсто, најдобар лунапарк на Балканот, како и 250 нови еколошки автобуси. Но, најголем дел од овие ветувања останаа само на хартија.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button