Меџити: Мијалков бил менторот на Груби

Добро утро! Додека осудените Албанци за монтираните процеси скапуваа и гинеа по затворите, тие работеа на спасување на Мијалков. Одговорност сега! Ова е реакцијата на првиот вицепремиер Изет Меџити во врска со ставањето на американската црна листа на неговиот претходник Артан Груби поради корупција. Меџити во интервју за Алсат вели и дека Владата ја разгледува можноста лицата кои САД ги прогласи за персона нон грата да бидат санкционирани и во земјава.
„Го отворивме како дебата дека она што се констатира од Стејт департментот треба да важи и за нашето законодавство, бидејќи особено во овој случај не е генерална формулација за попречување на Охридскиот договор, за дестабилизација на регионот или за дејствија спротивни на демократските процеси, туку на таксативен начин е наведено дека се работи за корупција за да се спаси Сашо Мијалков со длабоко мешање во судството на оваа држава… за интервенција во судството за спас на режимот Груевски-Мијалков и ако се погледнат бизнисите каде влегле, во казината, брзите кредити, се гледа дека главен ментор кој го катапултирал Груби во политиката бил Мијалков“, вели Меџити.
Меџити рече дека и Ахмети треба да сноси одговорност за сите постапки на Груби, бидејќи тој ништо не правел без одобрение на неговиот лидер.
„Жалам што му беше дадена прилика од господинот Ахмети затоа што самиот Груби изјавува дека не правел ништо без Ахмети да му каже, со дозвола на Ахмети успеа да уништи многу голема инвестиција на Албанците кои ја платија со крв… се потсетувам на аргументите што ги дадовме кога елабориравме дека е штетен за ДУИ, дека структурата не го сака, народот не го сака, дури велевме и дека и да се кандидира во зградата каде што живее, нема да го изберат за куќен совет. Образложението на господинот Ахмети отсекогаш било „да, свесен сум, но странците го сакаат. Вреден работник е и странците го сакаат“. Но, на крајот испадна дека не го сакаат ни странците“, додава Меџити.
Семра Мусаи