Медведев се пласира во четвртфиналето, таму го чека Хуркач

Данил Медведев ја оправда фаворитската улога и се пласира во четвртфиналето на “Австралија Опен” откако го совлада Нуно Боргес со 3-1 по три часа и 11 минути битка. Рускиот тенисер му дозволи на ривалот да освои еден сет, меѓутоа тоа беше сè од португалецот кој беше елиминиран.
Боргес добро парираше, во првиот сет загуби само еден свој сервис и Медведев со 6-3 дојде до предност. Вториот беше уште поизрамнет сет, бидејќи двајцата тенисери разменија по еден брејк и потоа играа тај-брејк кој му припадна на фаворитот со 7-4.
Во третиот сет имаше доста несигурности, по два брејка и Боргес откако спаси две меч-топки успеа да направи пресврт за 7-5 и намалување на негативата. Сепак, тоа како да го мотивира Медведев кој завршниот сет го реши со експресни 6-1. Четвртфинален ривал на Медведев ќе му биде Хуберт Хуркач кој го исфрли Артур Казаукс без загубен сет со 3-0 (7-6, 7-6, 6-4).