„Меѓаши“ со реакција поради појава на деца во политичката кампања

И на овие избори, практиката на искористување на деца за време на изборната кампања од страна на политичките партии или личности продолжи. Политичките партии продолжуваат да го имаат истиот пристап како и на изборите и изборните кампањи претходните години, и покрај повторените апели од невладините организации да престанат со такво нешто, бидејќи тоа јасно го крши Законот за правата на децата. Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, велат дека политичките партии покажуваат дека не сакаат да разберат што треба да прават.
Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека деновиве „Меѓаши“ пријави неколку вакви случаи во кои кандидати за градоначалници се фотографираат со деца, делат пакети, подароци, училишен прибор и слично.
„… Бидејќи се објавуваат фотографии од кои може да се заклучи дека децата се вклучени во кампањи, Народниот правобранител, со цел да го заштити интересот на децата, по своја иницијатива отвори случај во кој ќе преземе дејствија во рамките на законските овластувања. Ова значи дека ќе побара од надлежните органи да ги разгледаат сите вакви случаи и доколку најдат прекршување на Законот да воведат санкции“, наведуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Оваа појава е уште повознемирувачки бидејќи на страниците на политичарите се објавуваат фотографии и видеа од активности во кои се вклучени деца, а кои ги следат илјадници граѓани. Невладините организации бараат политичките субјекти да покажат грижа за децата дури и кога нема избори во земјава, обезбедувајќи посоодветни услови за образование и воспитување.
Еви Шкопи