Меѓународен ден на старите лица, се бараат домови, поголема грижа и ПОЧИТ

Постарите лица се чувствуваат заборавени од институциите, но исто така чувствуваат и дека не добиваат доволно почит од помладите. Тие велат дека нивните потреби се поголеми од пензијата што ја добиваат. Претседателот на Здружението на пензионери во Тетово вели дека по трендот на миграција на младите од Полошко, мора да се отвораат домови за грижа.
„Денешното време донесе миграција на младите на запад, така што многу стари луѓе останаа сами дома. Нивните деца, кога се враќаат тука, доаѓаат кај нас за да барата помош, но тука нема услови. Тие се оставени на милост и немилост на времето. Државата треба да преземе мерки да изгради домови за сместување на стари лица за да имаат поудобен живот, а не вака да не може да одат до продавница“, рече Селвер Мемети, Претседател на Здружението на пензионери во Тетово.
Дел од тетовчани со кои зборувавме ни рекоа дека државата треба на постарите да им обезбеди бесплатна здравствена заштита и лекови на позитивната листа. На многумина пензиите не им стигнуваат за тие потреби. Други пак, ги критикуваат младите.
„Воопшто немаат почит, стана полошо. Воопшто не нè есапат. Има некои, но малку се. Ти зборувам за моето маало“, вели еден граѓанин.
„Порано имаше центри за рекреација, одморалишта, пензионерите ќе одеа да се одморат во тие одморалишта, денеска нема ништо, тие се целосно распродадени. Нашата земја е далеку зад другите кои се богати со клубови, а ние имаме само еден клуб во нашето здружение. Градот како град нема, спортскиот центар е приватизиран, не е како порано кога излегувавме со внуци во спортскиот центар“, вели Селвер Мемети, Претседател на Здружението на пензионери во Тетово.
Меѓународниот ден на старите лица се слави на глобално ниво со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации од 1990 година.
Башким Сулејмани