Мерко недопирлив, МОН без одлука за незаконските директори во Струшко
Мерко недопирлив, МОН без одлука за незаконските директори во Струшко

Министерот за образование Јетон Шаќири никако да одлучи дали ќе му ги одземе ингеренциите на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, поради незаконското поставување на директори во неколку основни училишта во градот и регионот. Иако тоа веќе го констатираа и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија, нивните наоди се чини не се доволна причина за одлука. Поминаа речиси три недели откако министерството побара документација за овие именувања од општината, но одлука нема. Алсат уште од понеделникот чека одговор на прашањата што ги пративме до Министерството за образование. Министерот Шаќири само кратко ни рече дека подготвуваат одговор. Во меѓувреме, од опозицијата во Струга бараат Шаќири да му ги одземе ингеренциите на неговиот сопартиец, Мерко.
„Поради севкупното значење на образованието, а за нас посебно образованието во Струга, во новонастанатата политичка ситуација, огранокот на Алијанса за Албанците во Струга бара будност и поголем ангажман на родителите преку родителските совети во училиштата за спречување на дејствија со лоши и против законски намери на НОН-ГРАТА Рамиз Мерко бидејќи со тоа директно се влијае на условите за квалитетот на знаењето преку образованието на вашите деца и нашите ученици“, изјави Љуљзим Насуфи-претседател на Алијанса за Албанците, Струга.
„ВМРО-ДПМНЕ остро реагира за сите неправилности, но нашиот глас институциите не го слушаат. Тие треба да го направат следниот чекор. На нив е ред да реагираат доколку сакаат да нè убедат дека општеството е за сите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски неодамна за Алсат обелодени дека не само во Велешта, туку незаконски поставени директори има и во селата Подгорци, Лабуништа, Радолишта и во основното училиште Браќа Миладиновци во Струга.
Мики Трајковски