
Европските лидери се согласија да го засилат притисокот врз Русија преку дополнителни санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп ги информираше за телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Ова синоќа го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц при што ја нагласи обединетата позиција на Европа и Америка во однос на војната во Украина.
Трамп вчера имаше одвоени телефонски разговори со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската Унија, Франција, Италија, Германија и Финска, во обид да се стави крај на тригодишниот конфликт во Украина.
По повикот, Трамп изјави дека Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, но се чини дека не биле обезбедени поголеми отстапки во двочасовниот разговор со лидерот на Кремљ.
„Европа и Америка се многу обединети по ова прашање. Ние тесно ќе ја поддржиме Украина на нејзиниот пат кон прекин на огнот“, напиша канцеларот Мерц на социјалната платформа Икс.