Месецов се очекува почеток на работата на македонско – бугарската комисија


Алсат
05.09.2020 16:48
Дводневен состанок на македонско – бугарската комисија за историја и образование се очекува да се одржи во Скопје овој месец. Членот на македонскиот тим, Петар Тодоров вели дека датумот на состанокот останува да го потврдат сите 14 члена, додека владата треба да реши некои административни проблеми, но без да даде детали за какви проблеми се работи. Тодоров појаснува дека заедничката историја повторно ќе биде на дневен ред, децидно наведувајќи дека идентитетот никогаш нема да биде предмет на дискусија.
Од друга страна, Министерството за надворешни работи најави состанок на високо ниво, нагласувајќи дека добрососедските односи се еден од трите главни приоритети на надворешната политика на Македонија. Министерството за надворешни работи не одговори дали ќе има промени во составот на македонскиот тим сега кога Бујар Османи е на чело на овa министерство, бидејќи во минатото неколку пати изјави дека не е добро што нема албански експерт во нашиот тим. Историчарите, пак, ги повикуваат политичарите да не вршат притисок врз научната комисија за да може да се надминат разликите меѓу двете земји.
Пред неколку дена, бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерка за надворешни работи Екатарина Захариева, побараа од Заедничката комисија да започне со работа што е можно поскоро, додека тимот на Македонија има конструктивен став за надминување на разликите.
Инаку, деветтиот и последен состанок на македонско – бугарската комисија се одржа во октомври минатата година во Софија, по што комуникацијата меѓу страните беше прекината поради изборите во нашата земја. Оваа комисија на експерти, постапувајќи врз основа на Договорот за добрососедство, постигна одреден напредок во однос на античкиот и средниот век, но не ги надмина разликите за Гоце Делчев или оние за македонскиот народ и јазик.
Анеса Салиу