Мецола: Проширувањето на ЕУ повеќе не е благородна амбиција, туку геополитичка неопходност

Во услови на зголемено руско мешање и обиди за влијание во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан, проширувањето на Европската Унија станува директен предизвик за европската колективна безбедност, порача денеска претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Унијата, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, која се одржува во Брисел.
„Да не се залажуваме, проширувањето сега веќе не е само благородна амбиција, сега, цврсто верувам, дека тоа е геополитичка неопходност. Сепак, за жал, во последнава деценија загубивме повеќе членки отколку што примивме“, рече Мецола.
Според неа, ЕУ не смее да продолжи да го развлекува процесот на проширување и расправата за него да ја префрла од еден на друг самит, со усвојување заклучоци кои понекогаш имаат 27 или дури 27 плус 3 различни толкувања.
„Ако продолжиме да го правиме сето ова, тогаш други ќе се појават за да ја пополнат празнината“, порача Мецола.
Говорејќи за односите на ЕУ со САД, Мецола истакна дека никој нема корист од трговските војни, па затоа прв приоритет на Унијата, како што посочи, мора да биде нивно избегнување, но таа во исто време е подготвена да одговори на секаков предизвик и ќе зборува од позиција на сила.