МАКЕДОНИЈА

Мигранти откриени во товарно возило кај Смоквица, возачот бегајќи скршил рампа на патарина

Дваесет мигранти од Сирија и Ирак вчера биле пронајдени на автопатот Гевгелија – Скопје во товарно возило што го управувал 44-годишен жител на Виница, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Мигрантите биле откриени во близина на наплатната станица „Смоквица“ од екипа на Мобилната единица за компензаторни мерки при одделот за гранични работи и миграции на Бирото за јавна безбедност.

„При преглед во товарно возило „цитроен џампер“, со скопски регистарски ознаки биле пронајдени 20 лица – мигранти (19 од Сирија и еден од Ирак), меѓу кои и четири малолетници“, се наведува во соопштението од МВР.

Четириесет и четиригодишниот виничанец, со иницијали Д. Ц., кој го управувал товарното возило во кое биле мигрантите, бил уапсен од полицијата, откако претходно се обидел да избега.

Имено, како што информираат од МВР, тој претходно не застанал на знак за запирање од полициските службеници, туку продолжил со движење и со возилото скршил рампа на наплатната станица, а потоа скокнал од возилото и побегнал.

Сепак, по преземени мерки од полицијата, тој набргу бил пронајден и лишен од слобода.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button