ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Михајл Рот во Скопје: Бугари во Уставот, па продолжување на ЕУ-преговорите

ЕУ има должност да биде поприсутна во земјата, додека С Македонија мора да ја исполни и следната обврска во процесот за членство во ЕУ. Вака порача првиот човек на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михајл Рот при посетата на Скопје.

„Се надевам дека сега во Парламентот на Северна Македонија ќе може да се создадат предуслови за продолжување на ангажманот во преговорите за членство. Знам дека за мнозинството не е лесно кога се во прашање овие уставни измени, но секој мора да си го постави прашањето, не како можам да ѝ помогнам на мојата партија, туку како да ѝ помогнам и да придонесам за мојата земја. Знам дека политичарите во државата сега мора да продолжат со демократски чекори, да ја јакнат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да отвораат работни места, но пред сè, ЕУ сега мора да ја врати изгубената доверба, да не останат само празни ветувања“, рече Рот.

Рот додаде дека ЕУ треба да обезбеди поддршка за земјава во овој период на економска криза. Се сретна и со претседателот на државата.

„На средбата со Рот изразив благодарност што нашата европска интеграција е висок приоритет во надворешно-политичката агенда на Германија, која е движечка сила на ЕУ во Западен Балкан и еден од нашите најблиски и најбезбедни партнери во последните 30 години“, наведоа од Кабинетот на Пендаровски.

Посетата на Рот и поддршката на Германија ја поздрави и првиот човек на Собранието, Талат Џафери.

„Претседателот Џафери ја поздрави оваа посета во момент кога земјата треба да го почне скрининг процесот како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, по долг период на стагнација и блокада во изминатите децении“, наведуваат од Собранието.

Но, колегата на Рот во нашиот Парламент, претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, на средбата порачал дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени.

„…Изразив жалење што ЕУ не успеа да го запре агресивниот ревизионизам на Бугарија за самобитноста и етногенезата на македонскиот народ. Ја искористив приликата да го повторам ставот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека сме против бугарската уцена за промена на Уставот…“, изјави Милошоски.

По пристигнувањето во Скопје и пред да започне со средбите, Рот твитна дека надежта е клучот и оти македонскиот е јазик во Европа на културна различност.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button