Михајловска: Нема потреба да се поврзува извршната власт со локалните избори

Во поставеноста на демократијата нема никаква потреба да се поврзува извршната власт со локалните избори, без оглед како ќе биде исходот, вели комуниколог Магдалена Михајловска во емисијата „Економски магазин“. Според неа, ваквата изјава на премиерот Заев има една цел, да мобилизира што поголемо членство.
“Комуникацијата е резултат на стратешката поставеност на партиите која што ја видовме во првиот круг и сега добива еден сосема нов лик помеѓу двата круга, за да влезе во финишот и да спаси секој што може или да добие што повеќе гласови. Ваквата изјава на премиерот Заев има една цел, таа е да мобилизира што поголемо членство, меѓутоа и да покаже во јавноста престиж во смисла дека ако го добиеме Скопје, спасено е тоа што го изгубиле, а беше проектирано да се добие во рамките на другите општини на овие локални избори. Меѓутоа оваа изјава по мене индикативна е во еден друг аспект и комуникациски, меѓутоа и од аспект на демократизација. Односно таа е директно спротивно на процесот на децентрализација, која што е основа на еден развиен демократски процес. Во основа, во поставеноста, во структурната поставеност на демократијата нема никаква потреба да се поврзува извршната власт, без оглед каков ќе биде исходот од локалните избори. Напротив за граѓаните и за квалитетот на понудата и за квалитетот на живот на крајот на денот што е цел на локалните избори, добро е да имаме и различни политички опции на локалните избори и на централно ниво и тие мора да покажат соработка во интерес на граѓаните“ , изјави Магдалена Михајловска, комуниколог.