Мијалков се спаси од затвор и за изборните манипулации

Како за некои други случаи, така и за „Титаник 2“, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков ќе помине без ниту еден ден затвор. На првото јавно рочиште за овој предмет во Апелациониот суд, Мијалков насмеан ги слушаше зборовите на судијата Ѓоко Ристов дека рочиштето ќе се одложи за 13 април, а делото на Мијалков ќе му застари на 7 април.
Во тоа денеска помогна отсуството на Мендух Тачи, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефанова, исто така обвинети во овој случај.
Судијата го оправда нивното отсуство. Рече дека нема докази оти тие добиле покана за ова рочиште.
Од друга страна, иако еден ден претходно побара одложување на јавната расправа бидејќи истиот ден му се судеше за друг предмет, денеска во салата дојде поранешниот шеф на тајната полиција, заедно со другиот обвинет Бедредин Ибрахими. Тој пак, рече дека иако не добил редовна покана, слушнал дека денеска ќе има рочиште и се појавил во Апелациониот суд.
Во време кога се соочува со остри критики од САД, судскиот систем во земјава не можеше да даде епилог на случајот во кој двајца од главните обвинети, Сашо Мијалков и Мендух Тачи, се на американската црна листа, првиот поради корупција, а второ поради политички и безбедносни причини.
Потсетуваме дека во повторениот процес за овој случај сите првостепени обвинети беа осудени на две години затвор. Беа прогласени за виновни откако судот утврди дека во 2013 година се договориле да ги поништат изборните резултати во Струмица, каде тогаш победија СДСМ и нивниот кандидат Зоран Заев.
Во текот на судскиот процес се слушаа и таканаречените „бомби“ преку кои се слушаше како Мијалков и Тачи се договараат како да гласа поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими.
Ардит Рамадани