Мијалков тврди дека „не е кабает“ за Плацовите на Водно

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, тврди дека не е точно оти тој помогнал во перењето пари за случајот „Плацови на Водно“. Во своја одбрана Мијалков денеска во судот рече дека низ главните расправи се чувствувал како набљудувач на судскиот процес, бидејќи обвинителството против него не презентирало ниту еден доказ, па затоа не учествувал со прашања во постапката.
„Јас никогаш не сум дал упатства за нити едно кривично дело не само во овој кривично-правен настан туку во ниту било која друга ситуација“, изјави Сашо Мијалков, обвинет.
Мијалков е обвинет дека со умисла помогнал во перењето на парите на избеганиот екс – премиер Никола Груевски, кој со пари од членарини на ВМРО, купувал парцели. Прашан од неговиот адвокат Звонко Давидовиќ, дали занел како се стекнати парите на Груевски и дали отстапил оф-шор компанија за да се исперат парите, Мијалков одговори:
„Ниту сум знаел, ниту сум можел да знам дека тие пари потекнуваат од кривично дело… Никогаш не сум имал контакт со партиската каса, ниту пак сум чул од сопартијците, особено ако недостасува толкава сума пари, да не биде забележано…“, нагласи Сашо Мијалков, обвинет.
Мијалков беше посочен при сведочењето на бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова. Според него, Мијалков наложил во земјава да се отвори фирма ќерка на оф-шор компанија од Белизе која ја поседувал Груевски. Според обвинението, во фирмата легнале околу еден и пол милиони евра. Со нив, според обвинението, Груевски купил плацови на Водно. Но, според исказот на бизнисменот Орце Камчев од минатата недела, Груевски во 2015 година плацовите ги заменил за три големи станови со вкупна површина од над 700 квадрати.
Игор Стефановски