Милановиќ ги повтори критиките до ЕУ и Бугарија за односот спрема Македонија

Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но стана навика таа земја „да се шутира“ кога и да му одговара тоа некому, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, откако официјална Софија ги осуди неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на земјата.
Хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац вчера е повикана на разговор во бугарското МНР поради изјавата на претседателот Милановиќ во која ја критикуваше „бугарската политика кон европската интеграција на Северна Македонија“.
„Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија доста висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа се повеќенационални заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример“, рече вчера Милановиќ во одговор на новинарско прашање.
Тој потсети дека земјава, меѓудругото, го промени името на барање на Грција.