
Милиони Американци може да останат без помош во екот на ковид-кризата и за време на празници бидејќи претседателот Доналд Трамп одбива да го потпише предлог-законот со кој би се одобрила финансиската помош за населението. Најпогодени би биле невработените бидејќи нема да може да им се исплати државна помош.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден, исто така реагираше и го повика Трамп да го одобри законот.
„Во спротивен случај, милиони луѓе им секнуваат исплатите за невработеност и може да останат бездомници за време на празникот“, истакна Бајден.
Според информациите во медиумите, погодени би биле 14 милиони Американци. За околу 10 милиони лица би запрела исплатата за невработеност. Понатаму, непотпишувањето би било и опасност за исплата на платите на војниците бидејќи за неколку денови истекува рокот за финансирање на сојузната влада.
Пакетот помош предвиден со законот е тежок 892 милијарди долари.
Трамп се закани дека нема да го потпише бидејќи смета оти треба да се зголеми износот на стимулациите. Тој побара од Конгресот да го зголеми износот до 2 000 долари за физички лица и 4 000 долари за двојки, наместо „смешно ниските“ 600 американски долари за поединци.