Милиони евра и долари од ЕУ и САД, а резултати против корупцијата нема

За една деценија само Европската Унија инвестирала повеќе од 140 милиони евра, додека САД над 60 милиони долари за борба против корупцијата и владеење на правото во С Македонија.
ЕУ 140 милиони евра за 220 проекти
САД 55 милиони долари до 2016 година, 4 милиони долари во јуни 2022
Но, според сите мерења, земјава потфрлила во овие области. Во изјава за Алсат од делегацијата на Европската Унија во Скопје, велат дека на земјата всушност не ѝ треба ветинг на судиите и обвинителите, туку треба да ги користи постоечките механизми и институции.
„Сега кога процесот на преговори за членство добива интензитет, вклучително и преку процесот на скрининг, нашата контрола е многу поинтензивна. Во текот на процесот на пристапување, напредокот во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и функционирањето на судството, ќе се оценува на секој чекор од патот, во однос на усогласувањето со законодавството на ЕУ и најдобрите стандарди, но и она што е поважно, соодветна имплементација на законодавната рамка и правилно функционирање на институциите“, наведуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Одговарајќи на прашањата на Алсат, ЕУ ги повика релевантните институции да ги зајакнат проактивните истраги, гонењето и казнувањето на случаите на корупција на високо ниво и конфискација на криминално стекнатиот имот. И покрај загриженоста за начинот на избор, тие очекуваат првиот човек на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупцијата, Ислам Абази, да постапува професионално и независно.
„Неодамнешниот процес на избор на шеф на оваа канцеларија предизвика значителна загриженост во јавноста. Очекуваме новиот шеф на ОГОКК да се погрижи неговата канцеларија да постапува одлучно, професионално, независно и со интегритет во унапредувањето на предметите во рамките на неговите овластувања, вклучително и на оние кои првично ги иницираше тогашното Специјално обвинителство“, додаваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Во врска со доаѓањето на американскиот тим за истраги на корупцијата во земјава, од делегацијата на ЕУ изјавија дека се во постојан контакт со САД. Нагласуваат дека постојано укажувале на случаи на системски неуспех во борбата против корупцијата. ЕУ ја пофали работата на Антикорупциската комисија и Државната ревизија, но додаваат дека е потребно многу повеќе.
Област којашто доби најмногу критики од меѓународната заедница е правдата и владеењето на правото. Правдата во последната деценија ја водеа министри од редовите на ДУИ. Според тоа, од 8 министри за една деценија, четворица беа од ДУИ, меѓу кои Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери и Билен Салији. Поради неуспехот за донесување на правдата во земјава, американскиот тим слета во Скопје. Се истражува корупцијата на функционерите, додека американската црна листа се очекува да се прошири.
Ардит Рамадани