Минчев: Кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен

Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска изјави дека не е важно кога ќе биде донесено законското решение за правична застапеност, туку дека тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии. Законското решение, вели Минчев, треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.
– Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд, рече Минчев во одговор на новинарско прашање дали по укинување на Балансерот од страна на Уставниот суд, во догледен рок ќе биде донесено ново законско решение за правична застапеност во јавната администрација.
Во врска со ова законско решение, како што рече, треба да бидат вклучени експерти од областа на Уставот. Тој посочи дека втората фаза на имплементација на законското решение е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.
– Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон, рече Минчев.