Минчев: Усвоените реформски закони ќе значат крај за партиските вработувања

Усвоените реформски закони, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници ќе значат крај за партиските вработувања, клиентелизмот и формалните реформи што со години служеа како параван за нефункционалност, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Тој на прес-конференција информираше дека овие закони не се само технички документи, туку дека се симбол на заложбата за европеизација на општеството, за градење ефикасна, професионална и одговорна јавна администрација, во служба на граѓаните и во чекор со стандардите на Европската унија.
-Законот за вработените во јавниот сектор носи јасна и објективна процедура за вработување, базирана на заслуги и компетенции, а не на врски и партиски влијанија. Централизација и дигитализација на сите огласи преку веб-страницата на Агенцијата за администрација, што гарантира транспарентност и еднаква можност за сите кандидати. Строги ограничувања на дискреционите овластувања, со што го прекинуваме партискиот хаос во вработувањата. Специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа, за да ги задржиме младите во земјата, истанкна Минчев.