
Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс се пласираа во четвртфиналето на НБА лигата, откако ја добија серијата против Лос Анџелес Лејкерси со 4-1. Последниот петти натпревар во Калифорнија гостите го добија со 96-103, шокирајќи го тимот кој имаше шампионски аспирации уште во првата фаза од плеј-офот на НБА лигата. Одиграа Тимбервулвси уште една одлична партија, докажувајќи дека имаат што да покажат и понудат сезонава.
Руди Гобер беше играч на натпреварот, бидејќи блесна во два правци и го заврши со 27 поени и дури 24 скока. Најефикасен на средбата беше Лука Дончиќ со 28 поени, Леброн Џејмс уфрли 22, а во Минесота поддршка на Гобер му беа Рендл со 23 и Едвардс со за себе скромни 15 поени.
Хјустон се одржа во серијата со Голден Стејт, победувајќи дома со 131-116 за вкупни 3-2 во серијата. Рокетси успеаја да го одбранат домашниот терен и ќе имаат тешка задача да изборат „мајсторка“ со уште една победа во Сан Франциско.
Ван Флит беше најдобар поентер на мечот со 26 поени, а Томпсон уфрли 25 кај победниците, исто колку и Муди од таборот на Вориорси. Победникот од овој дуел оди на мегдан со Минесота во втората плеј-оф рунда.