ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Минималецот ќе ја стопи разликата во платите во јавниот сектор

Ако само се зголеми минималната плата на 18 илјади денари, а според законот не се усогласат со неа и другите плати, ќе дојде до хаос во јавниот сектор. Синдикалците ја обвинуваат власта дека кога го зголеми минималецот, прво на 12, па на 15 илјади денари, не ги зголемија и останатите плати, а според Законот мораше тоа да го стори во рок од шест месеци. Поради непочитување на Законот за усогласување на платите, револтот кај административците дополнително е зголемен поради тоа што различни занимања и дејности, со различна сложеност на работа, ќе имаат исти плати.

„Највисоката плата на еден државен административен работник со средно образование, основната плата е 16.400 денари, еден помлад полицаец има основна плата од 15 илјади денари, една негувателка во градинка има околу 18 илјади денари, или сестра во примарно или секундарно здравство се движи од 18 до 19 илјади денари основна плата. Затоа укажуваме на хаосот што ќе се случи, а тоа е дека околу 200 илјади вработени во јавниот сектор, односно половината се со средно образование, ќе дојдат на плата минималец“, рече Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Ралповски вели дека дава поддршка на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата, но поради непочитување на законите од самата држава која не ги зголемува сите плати, продуктивноста и ефективноста кај јавните службеници дополнително ќе се намалува. КСС, синдикат кој ги застапува пред се правата на вработените во јавниот сектор и администрацијата, неколку пати протестираше на улица барајќи зголемување на платите на вработените во државниот сектор. Доколку надлежните и во периодот што следи нема да ги исполнат нивните барања за раст на платите, велат дека ќе организираат генерален штрајк и парализирање на главниот град.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button